Формирањето на првите редовни цивилни судови во Македонија, а со самото тоа и во Крива Паланка и Кривопаланечко, почнува со донесувањето на Одлуката на второто заседание на АСНОМ од 2 август 1944 година, за формирање на судски органи и поверенство за судство како и судски оддели при народноослободителните одбори и нивните задачи. На 20 октомври 1944 година е донесено решение на президиумот на АСНОМ во кое со точка 12 се предвидува дека до целосното уредување на правосудството во Македонија, судењата ке се вршат во рамките на народноослободителните одбори. За разлика од револуционерните судови – судовите на партизанските одреди, во овој период се јавуаат специфичен вид на правосудни органи, хибриден вид на правосудни органи кои иако формирани од НОВ на македонија, сепак се карактеристични по две нешта и тоа, прв пат станува збор за правосудни органи засновани со акт на законодавно тело, и органи кои се одвоени од воената структура доминантна како таква во сите сфери на живеењето во тој период. Секој од овие судски оддели бил составен пд прочелници, секретар и неопходен персонал. Судењата ги спроведувал совет од пет члена избрани од територијата на округот. Судиите во советот многу често немале правничко образование, но по правило, секретарот на секој судски одбор бил правник, именуван од Президиумот на АСНОМ.
Делокругот на работа на овие судови сообразувал со времето во кое се формирани па така најголемиот број од случаите што ги решавале биле поврзани со казнување на сторителите на разни злосторства против народот, казнување на шпионите и соработниците на окупаторот, нарушување на воената дисциплина во редовите на НОВ како и зачувување на придобивките на револуцијата, а многу поретко заштитата на имотот на граганите и нивните мегусебни спорови.
На 31 март 1945 година е донесена Повелбата на АСНОМ за устројството на редовните народни судови на Федерална Македонија и решението на АСНОМ за создавање на Суд за судење на престапи против македонската национална чест. Со повелбата се основани 25 околиски суда, 3 обласни суда со седишта во Скопје, Штип и Битола, и Врховен суд со седиште во Скопје. Поради ова 31 март 1945 година се смета за Ден на основање на судовите, односно поставување на темелите на судството во Република Македонија.
Врз основа на повелбата бил основан Околискиот суд во Крива Паланка, за подрачјето на општините Крива Паланка и Ранковце.
Во почетоците на своето работење Околискиот суд во Крива Паланка се соочувал со низа кадровски, просторни и материјално-технички проблеми. Својата функција судот ја вршел во старата, трошна куќа наречена „Баба Виткина куќа“ која се наоѓала зад сегашната зграда на МВР-ПС-Крива Паланка, пред некогашниот сточен пазар.
Што се однесува до предметите по кои постапувал судот во тој период најмногу биле застапени кривичните и оставински предмети. Во судот се воделе таписките и интабулациски книги, а се укажувала и правна помош на граѓаните. Граѓанските предмети, исто така, биле застапени во доста голем број и се работело спорови специфични за тоа време.
Во средината на 1956 година добива нешто поповолни услови за работа, затоа што се преместува во просториите на некогашниот „Офицерски дом” во Крива Паланка, во непосредна близина на старата автобуска станица во Крива Паланка и на градскиот плоштад. Заедно со подобрените просторни услови за работа се подобруваат и материјалните услови за работа, па така записниците и одлуките веке не се пишуваат на рака туку судот е опремен со посовремени американски машини за писување од марката „Ремингтон“.
Со донесувањето на сојузниот и републичкиот Устав во 1963 година, Околискиот суд во Крива Паланка е преименуван во Општински суд Крива Палака, со надлежност за подрачјето на општините Крива Паланка и Ранковце.
Судот бил надлежен за одлучување по сите видови предмети од граганската материја како и за кривични предмети за кои е пропишана казна затвор до 10 години. Како карактеристични предмети по кои постапувал Општинскиот суд Крива Паланка, кои се јавуваат како резултат на специфичните облигациони односи произлезени од тогшното ниво на општествено-економски резвој на ова подрачје во овој период, посебно во 60-тите и 70-тите години се т.н. „кесим” спорови (модифициран вид на спорови настанати од облигационите односи по повод закуп на недвижно земјиште заради обработка), „момски хак” (спорови кои произлегуваат од специфичните наемни односи на помошници за вршење на полоделски и помошни работи во домакинството), „наполица” исл.
Во 1973 година е изградена новата судска зграда, во која од 1974 година до денес судот ја извршува својата функција. Истата се наоѓа непосредно до градскиот плоштад.
Со донесувањето на Законот за судовите од 1996 година, Општинскиот суд во Крива Паланка е преименуван во Основен суд Крива Паланка. Во поглед на надлежноста новата организација на судовите не донесува радикални промени во работењето на Основниот суд Крива Паланка. Судот бил надлежен за одлучување граганските, кривичните и други видови предмети, и тоа во рамките на основната стварна надлежност што ја имал според тогашниот закон за судовите.
Како карактеристични предмети што се јавуваат во овој период, а и денес се предметите од кривичната материја кои произлегуваат од близината на граничниот премин „Деве Баир“ и големиот број на прекршочни предмети, како и предметите од граѓанската материја поврзани со сопственоста и запишување на правото на сопственост, како и работните спорови, карактеристични за транзициониот период.
Што се однесува до просторните капацитети и материјалните и други услови за работа, во споредба со минатото, ситуацијата е значително подобрена па за овој период може да се каже дека судот ги има сите услови за нормално вршење на својата функција. Во 2003 година судската зграда е реновирана и е дограден уште еден кат на судската зграда. Нешто пред тоа е започната и компјутеризацијата на судот, што се зачетоци на големите просторно-технички и организациони промени кои денес се во голем дел се заокружуваат во една целина.
На крајот, кога се зборува за историјатот на Основен суд Крива Паланка, не може а да не ги наброиме сите досегашни претседатели и периодот во кој ја вршеле таа функција.
Хронолошки листата на претседатели е следнава:
- Радован Тошев Јовановски - претседател од 1945 до 1953 година;
- Солтир Казанџиски - претседател од 1953 до 1959 година;
- Благоја Павловски - претседател од 1959 до 1961 година;
- Васил Петковски - претседател од 1961 до 1970 година;
- Ѓоко Алексовски - претседател од 1971 до 1979 година;
- Симеон Ристовски - претседател од 1980 до 1986 година;
- Благој Ангеловски - претседател од 1986 до 1996 година;
- Ѓоко Алексовски - претседател од 1997 до 2001 година;
- Благица Ѓошевска - претседател од 2002 до 2006 година;
- Славица Ѓорѓиевска - претседател од 2006 до 2010 година;
- Лоза Илиевска - претседател од 2010 до 2014 година и
- Анкица Димитровска - сегашен претседател на Основен суд Крива Паланка, избрана на оваа функција во април 2015 година.
Во годините на постоењето на Основниот суд Крива Паланка, во неколку наврати се поставувани и вршители на должноста претседател на судот.
И сосема на крајот ќе наброиме дел од судиите кои оставиле печат со својата дологодишна работа и личен ангажман во Основниот суд Крива Паланка: Загорка - Зага Нинковска од Скопје, Славе Илиевски од Свети Николе, Томислав Николовски од Пробиштип, Иван Стојчевски од Крива Паланка, Иван Јакимовски од Крива Паланка, Цветанка Раневска од Крива Паланка, Љупчо Симјановски од Скопје, Тодор Митков од Скопје, Вукадин Јовчевски од Куманово, Димитар Коцанов од Виница, Драги Дејановски од Крива Паланка, Стојмен Величковски од Крива Паланка, како и многу други кои не се споменати во текстот.