Oколискиот суд во Прилеп е основан согласно Повелбата на АСНОМ за устројството на редовните народни судови во Федерална Македонија од 31.03.1945 година. Тој функционирал како првостепен суд надлежен за решавање на сите граѓански и кривични дела, освен оние за кои била предвидена надлежност на обласните судови, како и за решавање на сите вонпарнични предмети. Истиот ја темелел својата работа на следниве начела: начело на независност, начело на изборност на судиите, начело на поротност, начело на зборност и начело на јавност, како и право на жалба и право на употреба на својот јазик во постапката. Претседателот на судот, судиите и судиите поротници ги избирал и разрешувал Народниот одбор на прилепска околија. Судот на овој одбор му поднесувал полугодишни извештаи за работа. Овој правосуден орган имал пионерска улога во градењето на судската пракса во новиот правен поредок во слободна Македонија, иако работел во услови на недостиг на стручна литература и инвентар и технички средства за работа, што сведочи за ентусијазмот на судскиот кадар и другиот судски персонал.
Претседатели на Околискиот суд во Прилеп беа Милан Самак и Киро Пашоски. Судот работел во зграда од предвоениот период, во која денес е сместен Државниот архив на Република Македонија - Одделение -Прилеп. Оваа зграда во почеток ги задоволувала неговите просторните потреби.
Со донесувањето на сојузниот и републичкиот Устав во 1963 година, Околискиот суд во Прилеп беше преименуван во Општински суд Прилеп и продолжил да функционира како суд општа надлежност. Судот, со новата уставна и законска поставеност, не бил само државен орган за судење, односно правораздавање, ами имал и задолжение да врши аналитичка и превентивна дејност, односно да ги следи и прочува општествените односи и појави од интререс за остварувањето на неговата функција и да дава предлози за спречување на општествено опасните и штетните појави и за зајакнување на законитоста. Општинскиот суд во Прилеп со успех ги извршувал со устав и со закон доверените дејности, помогнат со прилив на школуван судски кадар на повоените правни факултети и остручен административен и помошен персонал. И понатаму, согласно отченото начело, судот изготвувал извештаи за работа до републичкото Министерството за правда и до Собранието на општина Прилеп, последново надлежно за избор и разрешување на носителите на правосудните функции.
Просторните проблеми на судот, предизвикани од зголемените надлежност, број на предмети и персонал, се надминале со изградбата на новата судска зграда, на сегашната локација, пуштена во употреба на 29.11.1968 година. Новиот објект, составен од приземје и два ката, за тоа време располагал со одлични просторни, технички и други услови за работа. Истиот, покрај чисто работниот простор, поседувал и простор за спортски и други општествени активности на вработените.
Со уставната реформа од 1974 година судската функција им беше доверена на редовните судови како органи на државната власт и на самоуправните судови. Општинскиот суд во Прилеп продолжил да функционира како редовен суд, а просторно го опслужувал и Судот на здружен труд во Битола, за судење на предметите со странки од неговото подрачје. За овој период е карактеристично успешното работење како во поглед на бројот на решените предмети, така и во поглед на квалитетот на правораздавањето, што го вбројувал судот во редот на најдобрите на подрачјето на Окружниот суд во Битола.
Продолжила практиката на одржување на судски денови на подрачјето на Мариово, а се интензивирала и набавката на стручна литература, во функција на континуирано стручно оспособрување на судскиот, стручносоработничкиот и приправничкиот кадар.
Претседатели на Општинскиот суд во Прилеп биле Радослав Славески, Кирил Нанески и Владимир Тренкоски.
Со донесувањето на Законот за судовите во 1995 година, во осамостоена Република Македонија, Општинскиот суд во Прилеп беше преименуван во Основен суд Прилеп. Со овој Закон се зголеми и неговата надлежност, и тој стана надлежен за судење на сите кривични, прекршочни, граѓански и стопански предмети од првостепена надлежност, освен за водење на судскиот регистар. Судот, благодарејќи на кадровскиот потенцијал и ангажманот и соработката на судските кадри од сите генерации, во основа успешно се соочи со предизвиците на новата надлежност и со тешкотиите што на општествено-политички и социјален план ги донесе транзициониот период. Се оформи солидна судска библиотека, а засилено и зачестено се користеа сите можни форми на едукација на судиите, стручните соработници и приправниците, како и другиот судски персонал. Компјутеризацијата на судот, извршена во почетокот на новиот милениум, имаше неспорен позитивен одраз во квантитетот и квалитетот на неговото работење.
Зголемениот обем на работа на судот и зголемениот број на судии и друг персонал, ја потенцира потребата од просторно проширување на судот. Затоа, во ноември 2001 година, беше изработен Идеен проект за доградба на Основниот суд во Прилеп. Доградбата е финансирана од Министерството за правда, а нејзината успешна реализација е при крај. Таа, покрај другото, вклучува седум нови судници, дванаесет нови кабинети и десет канцеларии за техничкиот персонал, како и проширување на подрумскиот простор за гаражни и други потреби.
На 20 април 2005 година, беа пуштени во работа преуредените и технички модерено опремените писарници и судници на Основниот суд во Прилеп, во состав на постојната негова зграда. Овој проект беше финансиран од УСАИД - ДПК - Консалтинг од Соединетите Американски Држави, а значеше уште еден чекор напред во осовременувањето на прилепското и македонското судство и негово приближување до светските стандарди.
Основниот суд во Прилеп е просторно, кадровски и технички подготвен за извршување на своите функции, врз основа на новодонесениот Закон за судови од мај 2006 година.
Претседатели на Основниот суд во Прилеп беа Кирил Цветаноски, Стеван Стојчески, Ангелчо Видески и Љубен Биноски. Негов актуелен претседател е Јане Тренчевски.
Сведоштво за квалитетот на судскиот кадар од подрачејто на овој суд е и фактот дека повеќе судии од овој суд беа избрани за носители на судски и други функции во повисоки судски и други правосудни органи на Република Македонија. Вреди да се одбележи и ангажирањето на судии и стручни соработници во совладувањето на англискиот јазик и претставување на нашето судство на странски стручно-научно собири и други едукативни манифестации.