СТАТИЈА ПО ПОВОД 25 ОКТОМВРИ -ЕВРОПСКИОТ ДЕН НА ПРАВДАТА [Property context="current" type="content" htmlencode="false" separator="</li><li>" field="categories" start="
  • " end="
"] [Property context="current" type="content" htmlencode="false" separator="</li><li>" field="keywords" start="
  • " end="
"]

Вести

%%
%%

СТАТИЈА ПО ПОВОД 25 ОКТОМВРИ -ЕВРОПСКИОТ ДЕН НА ПРАВДАТА

Новости  |  21.10.2020
Имено 25 Октомври се одбележува како Европски ден на правдата во секоја држава од Европа, при што активностите по тој повод се поддржани од Европската Комисија и Советот на Европа, а се однесуваат на информирањето на граѓаните за функционирањето на правосудството и нивните права во разните области од примената на правото. Оваа статија во врска со работата на судот, има цел да ја информира пошироката јавност преку нејзината достапност на веб-страната со оглед дека непосредни средби би биле спротивни на мерките против ширењето на вирусот Ковид 19.

 

            РАБОТАТА И ЗНАЧЕЊЕТО НА ОСНОВНИОТ СУД ВО СТРУГА, СО КРАТОК ОСВРТ НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА И СЛОБОДИ ВО СУДСКИТЕ ПОСТАПКИ ПО ПОВОД 25 ОКТОМВРИ -ЕВРОПСКИОТ ДЕН НА ПРАВДАТА

 

            Пристапот до правда на еднаков начин е едно од основните начела врз кои се заснова работата на судовите, а воедно и целиот уставно – правен и административен поредок во нашата држава.

            Имено 25 Октомври се одбележува како Европски ден на правдата во секоја држава од Европа, при што активностите по тој повод се поддржани од Европската Комисија и Советот на Европа, а се однесуваат на информирањето на граѓаните за функционирањето на правосудството и нивните права во разните области од примената на правото.

            Оваа статија во врска со работата на судот, има цел да ја информира пошироката јавност преку нејзината достапност на веб-страната со оглед дека непосредни средби би биле спротивни на мерките против ширењето на вирусот Ковид 19.

            Имено, судската власт ја вршат судовите во Република Северна Македонија. Основниот суд во Струга како орган на судската власт во РСМ е првостепен суд со проширена надлежност (покрај основната), што согласно Законот за судовите, основните судови со основна надлежност за подрачјата за кои се основани, се надлежни да одлучуваат во прв степен по кривични дела и прекршоци, и тоа: за кривични дела за кои со закон како главна казна е определена казна затвор до пет години, ако за некои кривични дела не е предвидена надлежност на друг суд;  за кривични дела за кои со посебен закон е определена надлежност на суд со основна надлежност; за сите видови на прекршоци, освен за прекршоци кои со закон се ставени во надлежност на орган на државна управа или организација или друг орган што врши јавни овластувања и  за жалби и приговори за постапките за кои се надлежни овие судови.

                Потоа, Основниот суд надлежен е да одлучува во прв степен по граѓански спорови, и тоа: за спорови во имотно-правните и други граѓанско-правни односи на физички и правни лица, чија вредност е до 50.000 евра во денарска противвредност, доколку со закон не е предвидена надлежност на друг суд;  за спорови за утврдување и оспорување на татковство, мајчинство, утврдување на постоење на брак, за поништување на брак и развод на брак;  за законска издршка;  за чување и воспитување на деца;  за вознемирување на владение; за доживотна издршка;  за надоместок на штета која не надминува 50.000 евра во денарска противвредност;  во постапка за обезбедување и извршување; за работни односи;  во спорови од наследно-правни односи; во вонпарнични и оставински работи и за други работи утврдени со закон.

            Во истиот тој контекст со оглед дека Основниот суд во Струга, покрај основна има и проширена надлежност, тоа значи дека Овој суд е надлежен да постапува по кривични дела, и тоа:  за оние за кои со закон е предвидена казна затвор над пет години и за кривични дела и прекршоци извршени од деца;  да постапува по предмети за екстрадиција, трансфер на осудени лица, признавање и извршување на странски судски одлуки; по жалби и приговори за постапките за кои се надлежни и  да решаваат за постапки за меѓународна правна помош утврдена со закон. Потоа, во граѓанските и трговски  предмети да одлучува: за спорови во имотно-правните и други граѓанско-правни односи на физички и правни лица, чија вредност е над 50.000 евра во денарска противвредност, доколку со закон не е предвидена надлежност на друг суд;  во трговски спорови во кои двете странки се правни лица или државни органи, како и спорови од авторски и други сродни права и права од индустриска сопственост;  во постапка за стечај и ликвидација; во спорови за утврдување и обезбедување за присилно извршување и  за спорови на домашни правни и странски лица кои произлегуваат од нивните меѓусебни стопански, односно трговски односи.

            Правото воопшто претставува збир на правни правила и прописи со кои се уредуваат разни прашања за регулирање на односите меѓу луѓето, нивното поведение и воспоставувањето на разните општествени односи, при што зависно проблематиката која што се уредува тоа е поделено во различни области како што се: ( уставно право, управно право, граѓанско право, кривично право, трудово право, трговско право, семејно право, авторско право, стварно право, облигационо, наследно право итн).

            Разните односи кои настануваат во животот и општеството, а имаат своја правна природа можат да се решаваат и да се одлучува по нив по судски пат, односно Основниот суд постапува и решава по правни прашања и работи кои се дел од реалните правни и општествени односи, во случај  кога е надлежен согласно закон. Имено, по правните работи за кои одлучува постапува преку соодветни судски процеси, чиј начин на одвивање е утврден со закон.

            Постапките кои се одвиваат во судовите во главно се граѓанската и кривичната постапка, а се постапува и по одредбите на прекршочната и стечајната постапка. Структурата на граѓанската постапка е поделена на парнична, вонпарнична и извршна постапка, при што парничната се поведува со тужба, вонпарничната со предлог, а во делот од извршната постапка судот одлучува по платни налози, односно приговори на нотарски решенија за извршување врз основа на веродостојна исправа, приговори против неправилности во извршувањето и другите извршни дејствија што ги спроведуваат извршителите и сл., додека кривичната започнува со донесување наредба за истрага или друго соодветно дејствие, при што се одвива во следниве фази:  претходна постапка ( предистражна и истражна постапка во која во најголем дел е вклучено Јавното обвинителство), обвинување (подигање обвинителен акт од страна на Основното јавно обвинителство и оценка на обвинителниот акт од судија за оцена на обвинителен акти или надлежен совет на судот според пропишаната казна за кривичното дело што на обвинетиот му се става на товар), главна расправа и пресуда и постапка по редовни и вонредни правни лекови, додека  одредени кривични дела се гонат по обвинителен предлог, а други по приватна кривична тужба, додека постојат и кривични дела за кои по барање на обвинителството се издава пресуда со казнен налог против која обвинетиот има право на приговор.

            Редоследот на работење на предметот се одвива така што иницијалниот акт ( тужба, обвинителен акт, предлог, приговор) се прима во приемното одделение на судот, се врши негова заверка во соодветен уписник во судските оддели на судот, па се врши автоматско распределување по електронски пат кај судија, односно претседател на совет, согласно закон, кој постапува по своите овластувања за закажување рочиште или главна расправа и други дејствија согласно нормите на процесното законодавство од конкретната правна област. Во конкретни предмети, согласно законот предвидено е и учество на судии-поротници кои се граѓани и не се професионални судии, а имаат улога во одлучувањето согласно закон, како гаранција за независноста и непристрасноста.

            Во текот на сите тие процедури, судот е должен да ги штити правата и слободите на граѓаните и другите субјекти кои се јавуваат како учесници. Поточно, човекот како граѓанско битие во својство на осомничен, обвинет, тужител, тужен, сведок или било каков учесник во текот на постапката ги има сите права кои произлегуваат од Уставот на РСМ, законите, како и меѓународните акти ратификувани согласно закон, при кои и Европската конвенција за заштита на правата и слободите на човекот. Во тој поглед, согласно Законот за судовите целите и функциите на судската власт опфаќаат: непристрасно применување на правото независно од положбата и својството на странките,  заштита, почитување и унапредување на човековите права и основни слободи, обезбедување еднаквост, рамноправност, недискриминација по кој било основ, обезбедување правна сигурност врз основа на владеење на правото.

            Процедуралните начела кои се во директна корелација со  почитувањето на човековите права и слободи во текот на судските постапки се следниве:  

            Рамноправност на странките ( тоа значи дека се забранува секаков вид дискриминација, при што странките независно од било каква положба пред судот или надвор од него се еднакви во правата и должностите);

            Судење во разумен рок ( начелна категорија која забранува непотребно одолговлекување, при што судските постапките мора да бидат ефективни и ефикасни, додека за прекршување на ова начело оштетената странка има право да поднесе барање заштита на таквото право и надомест на штета доколку се утврди прекршување на истото до Врховниот суд на РСМ).

            Правичност ( највисок идеал кој значи правилно утврдување на фактичката состојба, правилна примена на материјалното право, односно законот и почитување на процесните одредби до степен на остварување на правдата во нејзината правна, морална и политичко – општествена смисла).

            Јавност и транспарентност ( постапките пред судовите се јавни, односно при истите може да присуствуваат граѓани, медиуми и заинтересирани организации, освен во случаи кога со закон е исклучена јавноста, а се однесува на изнесување доверливи информации, државни или службени тајни или исклучувањето е важно за достоинството, приватниот живот или моралот на засегнатата странка).

            Контрадикторност ( еднаквост при обезбедувањето на доказите и користењето на доказните средства, односно секоја странка може да ги приложи своите законито прибавени докази, ги испитува сведоците, да побара соочување и сл).

            Зборност, усност, непосредност ( тоа значи дека судските рочишта и расправи се одржуваат по пат на писмена и усна комуникација, при што одбраните се усни и непосредни пред судот на кои странките лично и со свои бранители и полномошници (адвокати) можат да присуствуваат и учествуваат во постапките).

            Право на одбрана, односно застапување ( право на секој човек кој се јавува во постапките да му биде обезбедена одбрана во сите фази на полициската и судска постапка од бранител, односно адвокат по сопствен избор или по службена должност согласно закон, како и да добие бесплатна правна помош доколку ги исполнува условите за тоа, а и одредување привремен старател доколку странката не е достапна на државните органи).

            Слободна оцена на доказите ( судот ги оценува доказите слободно, без било каков недозволен притисок и влијание, при што ги оценува секој посебно и сите заедно за врз основа на истите и резултатите на целокупната постапка утврди фактичка состојба и изрече пресуда).

            Економичност ( судот е должен да води квалитетни процеси, без непотребно изложување на странките на високи материјални издатоци).

            Двостепеност ( против секоја одлука на Основниот суд, странките имаат право на жалба до повисок суд, односно второстепена инстанца што ја испитува одлуката на првостепениот суд. Против одлуките на основните судови, одлучуваат Апелационите судови кои се основани за подрачјето на кое месно, поточно територијално припаѓа правостепениот суд. За одлучување по жалбите против Основниот суд во Струга, надлежен за одлучување е Апелациониот суд во Битола.

            Подецидно, што се однесува пак на кривичната постапка секое лице приведено или лишено од слобода мора веднаш, а најдоцна во рок до 24 часа да биде изведено пред суд кој одлучува за законитоста на лишувањето, да се почитуваат сите негови права согласно Уставот и Законот за кривична постапка, додека кога станува збор за притвор мерката ја изрекува судија на претходна постапка при што истиот не може да трае подолго од 180 дена до подигање на обвинение.

            Покрај тоа, странките во текот  постапките ги имаат сите останати права кои произлегуваат од законите, а тоа се право да им биде обезбеден преведувач или толкувач кога тоа е потребно, да бидат запознати зошто се изведени пред судот или со предметот на спорот, да им се обезбеди медицинска или друга помош и заштита, да се почитува презумпцијата на невиност и начелото на законитост, правото на слободна волја и да се штити правната сигурност на граѓаните преку забраната за ретроактивно важење на законите, забраната за двојни судења и целосно почитување на човечкиот интегритет во постапката.

            Крајно, по спроведен процес, судот носи пресуда или решение како поединечни правни акти кои мора да содржат вовед (назив на местото на судот, имиња на судии и судии поротници, имиња на странки, основ и вредност на спорот, како и датум на одржана расправа и донесена пресуда), диспозитив ( изрека), образложение ( фактичка состојба, анализа на докази и пропис на кој се повикал судот при одлучувањето) и правна поука ( во врска со право на жалба или приговор), како и печат и потпис, како и кому одлуката се доставува. По искористувањето на правните лекови и завршувањето на постапката судските одлуки стануваат правосилни што претставува својство на правниот акт кој не може повеќе да се побива со редовни правни лекови, при што добива и својство на извршна исправа за спроведување на начин како што одлучил судот.

            Во однос на внатрешната организација на чело на судот стои претседател кој го избира Судскиот совет на РСМ, кој орган исто така ги избира и ја надгледува работата на судиите, против чија работа граѓаните имаат право и на претставка, како и да бараат нивно изземање согласно закон, со оглед на фактот дека судиите се должен гарантор на заштита на човековите права и слободи во судските постапки. Судскиот совет на РСМ избира и судии-поротници.

            Покрај тоа, судот преку судската служба составена од администратор кој ја раководи, стручни судски службенци и судска помошна администрација врши и други работи врз основа на закон како што се издавање уверенија, постапување по барања за информации од јавен карактер, остварување на облиците на меѓуинституционалната соработка и др. Секој граѓанин може да се информира и оствари контакт со службените лица на судот, како и службено лице за односи со јавност во врска со предмет, прашања и информации, при што судската служба и судот во целина е должен на упатување на неуките странки.

            Судските постапки и одлуки мора да бидат законити, при што човековите права и граѓански слободи се темелна вредност на нашиот уставен поредок и стожер на судските постапки од кои зависи и нивниот квалитет, како и оценката од повисоките органи и Народниот правобранител на РСМ за степенот на нивното почитување.

            Имено, што е и многу значајно, по исцрпувањето на сите домашни правни лекови и одлуки од сите нивоа на судски инстанци, независно од исходот, за прекршување на човековите права секоја странка во рок од 6 ( шест) месеци има право на жалба ( апликација ) и до Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Р.Франција, што значи дека човековите права се врвна и неприкосновена, домашна, европска и меѓународна вредност.

            Основниот суд во Струга, како составен дел од судовите во Република Северна Македонија и судската власт постапува независно и професионално, а воедно е и активен чинител во процесот на унапредување на стандардите за човековите права преку постојана едукација и нивна примена, при што нивната имплементација во практиката воопшто е основата врз која се остварува принципот на владеењето на правото.

            Интересот пак за работата на судството, правната држава, човековите права, информирањето за нив и партиципирањето за нивната примена е дел од градењето на граѓанската култура на секоја индивидуа, како и развојот на правната свест за нивна заштита.

 

Изготвил:

Волонтер во Основен суд Струга

М-р.Деспина Влаќеска

           

   


Пребарување одлуки

Суд
Број на предмет
Датум
_