Активностите на Врховниот суд позитивно нотирани во новиот Извештај на ОБСЕ за набљудувањето на судските процеси
ActionsВести
- Почетна
- >
- Вести
Активностите на Врховниот суд позитивно нотирани во новиот Извештај на ОБСЕ за набљудувањето на судските процеси
Како една од позитивните активности на Врховниот суд на Република Северна Македонија се нотира донесувањето на начелниот став во кој се наведува дека судовите треба да ги објавуваат неправосилните пресуди и одлуки, особено во случаи на висок јавен интерес.
Во Извештајот се истакнува дека пристапот до писмени пресуди претставува предизвик што се должи на спротивставени законски одредби и се образложува дека согласно Законот за судовите и Законот за управување со движењето на предметите во судовите, на судовите им се забранува јавно да ги објавуваат писмените пресуди, освен ако тие не се правосилни. Ова е спротивно на ЗКП, кој наложува сите судски пресуди да бидат јавни и достапни во електронска или печатена форма.
Во таа насока, во Извештајот се истакнува значењето на начелниот став на Врховниот суд од декември 2022 година, во кој се утврдува објавување на неправосилни одлуки, особено во случаи од јавен интерес.
Според Законот за судовите, една од надлежностите на Врховниот суд е да утврдува, во текот на неговата општа седница, начелни ставови и начелни правни мислења по прашања од значење за обезбедување на единството во примената на законите од страна на судовите.
Исто така, меѓу другото, во Извештајот се истакнува и значењето и потребата од заедничките работни состаноци помеѓу Врховниот суд и апелационите судови и давањето приоритет на подобрувањето на квалитетот на одлуките.
Во извештајот, се нагласува и значењето и потребата од издавањето на збирки со добри примери на одлуки и пресуди и се нагласува значењето од заедничката соработка на Центарот за ИТ во Врховниот суд со Советот за ИКТ во правосудните органи, а во насока на зајакнување на квалитетот и сигурноста на системите за тонско и визуелно - тонско снимање во судницата.