Контакт информации:
Тел. 046/ 261-868
Факс. 046/ 262-138
Mail: info@osohrid.mk
Веб страна: www.osohrid.mk
Адреса: Бул. „Македонски просветители“ бр.10 - Охрид
Надлежност:
Основниот суд во Охрид е првостепен суд со проширена надлежност кој покрај надлежноста утврдена за основните судови со основна надлежност за подрачјата за кои се основани одлучува:
1. во прв степен по кривичните дела и прекршоци, и тоа:
- за кривичните дела за кои со закон како главна казна е определена казна затвор до пет години, ако за некои кривични дела не е предвидена надлежност на друг суд,
- за кривични дела за кои со посебен закон е определена надлежност на суд со основна надлежност,
- да спроведува истрага или истражни дејствија за кривични дела од својата надлежност,
- за сите видови на прекршоци, освен за прекршоци кои созакон се ставени во надлежност на орган на државна управаили организација или друг орган што врши јавни овластувања и
- за жалби и пригивори за постапките за кои се надлежни овие судови
2. во прв степен по граѓанските спорови, и тоа:
- за спорови во имотно-правните и други граѓанско правни односи на физички и правни лица, чија вредност е 15.000 евра во денарска противвредност, доколку со закон не е предвидена надлежност на друг суд,
- за спорови за утврдување и оспорување на татковство и мајчинство, утврдување на постоење на брак, поништување на брак и развод на брак,
- за законска издршка,
- за чување и воспитување на деца,
- за смеќавање на владение,
- за доживотна издршка,
- за надоместок на штета која не надминува 15.000 евра во денарска противвредност,
- за постапка за обезбедување и извршување,
- за работни односи,
- за спорови од наследно-правни односи,
- во вонпарнични о оставински работи,
- да водат тапии и
- за други работи утврдени со закон,
надлежен е да одлучува и тоа:
1. по кривичните дела, и тоа:
- за оние за кои со закон е предвидена казна затвор над пет години и за кривични дела и прекршици извршени од малолетни лица,
- да постапува по предмети за екстрадиција,
- по жалби и приговори за постапките за кои е надлежен и
- да решава за постапки за меѓународна правна помош утврдена со закон.
2. по граѓанските спорови, и тоа:
- за спорови од имотно-правните и други граѓанско правни односи на физички и правни лица, чија вредност е над 15.000 евра во денараска противвредност, доколку со закон не е предвидена надлежност на друг суд,
- во трговски спорови во кои двете странки се правни лица или државни органи, како и спорови од авторски и други сродни права и права од индустриска сопственост,
- водат судски регистар за политички партии,
- во постапка за стечај и ликвидација,
- во спорови за утврдување и обезбедување за присилно извршување и
- за спорови на домашни правни и странски лица кои произлегуваат од нивните меѓусебни стопански односно трговски односи.
Историјат
Историјат
Република Македонија се наоѓа во центарот на Балканскиот полуостров. Таа го поврзува истокот и западот и претставува место каде од секогаш се сретнувале различни религии, култури и цивилизации.
Градот Охрид се наоѓа во југо-западниот дел на Република Македонија во подножјето на планината Галичица. Тој е еден од најстарите цивилизациски населени места во Европа. Градот Охрид е град на Унеско кој изобилува со природни убавини и реткости. Охрид го краси прекрасното Охридско езеро. Сите турбуленции што ја зафаќале оваа држава низ историјата се рефлектираат и во овој град, вековите носеле различни владетели, поробувачи и освојувачи, а со тоа се менувале и органите кои вршеле правораздавање.
Тргнувајќи од времето кога Македонија била дел од турското османлиско царство во Охрид како судски орган постоел кадија кој ги решавал споровите помеѓу населението врз основа на шеријатското право. Поради недоверба во судската власт на кадијата која на народот му била туѓа, наметната, а и заради тоа да се реши побрзо и поефтино спорот, народот знаел своите спорови да му ги довери на некој од угледните граѓани или селани. Често местото на решавачи на споровите по селата го заземале селските кметови.
По балканските војни и по првата Светска војна територијата на денешна Република Македонија и градот Охрид му припадналe на кралството Србија, додека другите делови на Македонија биле поделени помеѓу другите соседни држави.
Појдовна основа за уредување на судството во Македонија и на градот Охрид се до завршувањето на втората Светска војна биле законите кои ги носело кралството Србија.
Така на 17 февруари 1914 година е донесена „Уредба за уредување на судовите и судските постапки” со која во секој округ е формиран по еден окружен суд. Со оваа уредба е предвидено формирање на окружен суд и на територијата на градот Охрид.
Во ова време врз основа на Видовденскиот устав од 1921 година и октроисаниот устав од 1931 година судиите во судовите вклучувајќи и во Охрид биле назначени од страна на кралот врз основа на предлог на министерот за правда.
По обединувањето на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците во кралството СХС, Македонија и градот Охрид влегуваат во ова кралство како дел од територијата на кралството Србија. Во овој период се до 1929 година во врска со судовите важат законите од пред обединувањето.Посебно следниве закони:
- Законот за устројство на судовите
- Уставот на кралството Србија од 1903
- Законикот за судска постапка на граѓанските спорови
Канцелариското работење во судовите се до крајот на втората светска војна се уредува со Уредбата на судскиот деловодник за судовите од прв и втор степен, донесена на 25 Октомври 1932 година.
Првите судски органи како поиздиференциран облик на дејствување, се формирани 1942 год. во составот на партизанските одреди, чие дејствување имало карактер на воено правосудство затоа што суделе главно за појави поврзани со одредена воена недисциплина и слично. Со развојот на НОО и нивното диференцирање како органи на власта тие добиле задачи да извршуваат и правосудна функција со граѓански карактер.
После втората светска војна Македонија станува членка на федерацијата Југославија, во рамките и врз основа на законите на оваа федерација го гради својот судски систем се до осмостојувањето и формирањето на независна и суверена држава.
Околиски суд, Општински суд или Основен суд Охрид
Прогласувајќи ја македонската држава, Првото заседание на АСНОМ од 2 август 1944 год., ги постави и основите на нејзиното правосудство, како неодминлива компонента на власта во државата.
Врз основа на Повелба на Презедиумот на АСНОМ за устројство на редовните судови во Македонија која е донесена на 31.03.1945 година се основани и формирани судови на целата територија на Република Македонија.Оваа повелба била основ и за формирање на Охридскиот околиски народен суд во 1945 година. Називот на овој суд подоцна бил заменет со називот Околиски суд Охрид, а по донесувањето на уставот на федерацијата Југославија од 1963 година, во 1967 преименуван е во Општински суд Охрид.
Околискиот суд Охрид се наоѓал во зградата во сопственост на Димитрија Бошнак, а под надзор на Управата за правосудство.
Се работело во лоши услови, не постоело доволно работен простор. Судењата се држеле во една судска сала. Во тоа време во судот во Охрид работеле само четворица судии. Не постоеле судски приправници и стручни соработници затоа што немало доволно образован кадар.Судија се станувало само со диплома за завршен правен факултет, а со оглед на потребата од пополнување на работните места се среќаваат и судии со завршено средно а и основно образование. Судиите ги избирала околијата, која на ова подрачје ги опфаќала Охрид, Струга, Дебар, Кичево и Ресен.
До 1954 год. за Охрид и Струга функционирал заеднички Околиски суд со седиште во Охрид со претседател Јонче Белески. Функционирало и Јавното обвинителство кое имало овластувања во сите постапки. Во мај 1956 год. се формира Околиски суд Струга со што месната надлежност на судот во Охрид се намалува.
Во 1960 година е изградена нова зграда во која бил сместен Општинскиот суд во Охрид која се наоѓа на ул. “Македонски просветители” б.б. Во оваа зграда и ден денес се наоѓа судот во Охрид.
Судија за прекршоци постои одвоено од 1974 год. како посебен судија во рамките на управата - извршната власт. Покасно се основа како посебен суд Општинскиот суд за прекршоци-Охрид.
По осамостојувањето на Република Македонија и по формирањето на независна и самостојна држава, донесен е нов закон за уредување на судовите со назив „Закон за судови” Службен весник бр.36/95 на Р.Македонија од 27.07.1995 и исправка на овој закон од 27.09.1995 објавена во Службен весник бр.45/95.Со овој закон Општинскиот суд во Охрид и Општинскиот суд за прекршоци се споени и е настанат еден суд со назив Основен суд Охрид.
Претседатели на овој суд:
- Трајко Митревски - 1945-1948
- Лазар Гиноски - 1948-1950
- Глигор Гроздановски - од 1950
- Петар Гоџо - до 1964
- Атанас Павловски - 1964-1967
- Перо Андоноски - од 1967
- Никола Зафировски -
- Никопла Крлески - 1982-1990
- Јордан Пљакоски 1990-1995
- Љубин Алексијески - 1997 и 2004-2006
- Владо Дејаноски - 2006-2007 ВД Претседател
од 13.12.2007 -Претседател
Окружен суд Охрид
На територија на градот Охрид функционирал и Окружен суд.
Прв пат ваков суд во Охрид бил воведен како што погоре беше кажано во времето кога Македонија, а и градот Охрид биле под српска управа т.е. во време на владеење на Македонија од страна на Кралството Србија и за време на кралството СХС.
Ваков суд во Охрид функционирал и од 1956 година па до 1966 година кога бил укинат, бидејќи до тогаш и постои околијата . Истиот бил сместен во зградата во сопственост на Весе Групчева.
Судска зграда
Структура на судска зграда
Зградата на сегашниот основен судот во Охрид датира од 1960 год. Во истата зграда и денес е сместен Основниот суд во Охрид.
Во 2006 год. со финансиска поддршка на Проектот за модернизација на судството во Македонија/ДПК Консалтинг/УСАИД, во Основниот суд Охрид се опремија четири архиви. Архивите се сместени во подрумските и приземните простории на судот, а ги одликува современ изглед кој вклучува подвижни метални ормари. Со истите се обезбеди практично и ефикасно чување на судските стари предмети и заштита на истите.
Во 2007 година е воведен едношалтерски систем со што се обезбеди поефикасна работа на судската администрација и побрза услуга на граѓаните. Проектот е финансиран од Министерството за правда, Судскиот Буџетски Совет и Проектот за модернизација на судството во Македонија/ДПК Консалтинг/УСАИД.
Структура на судската зграда
Приземје
На приземјето се сместени телефонската централа,канцеларијата на суската полиција, архивата на судот и шалтер салата во која е сместена целокупната администрација на судот.
Тука е сместена и свечената сала на судот - XI сала.
I кат
На првиот кат се сместени истражното одделение, канцелариите на стручните соработници и дел од кабинетите на судиите, канцеларијата на секретарот на судот, на дел од техничките секретарки на судиите, компјутерско - аналитичкиот центар и дел од салите за судење (VII до X).
II кат
На вториот кат се сместени кабинетот на претседателот на судот, техничката секретарка на претседателот, благајната, дел од канцелариите на техничките секретарки на судиите и останатиот дел од судските сали (I до VI).
III кат
На третиот кат се сместени судските кабинети и судската библиотека. На истиот кат е сместено Основното јавно обвинителство-Охрид и Државното правобранителство-Охрид